Филисија Рашад, партнерката на Бил Козби во „Шоуто на Козби“, го поздрави неговото завчерашно ослободување од затвор. Со тоа, таа предизвика негативни реакции на интернет и во американската јавност.

„Конечно!!! Едно страшно погрешно се претвори во праведно!“, напиша Рашад.

Таа, инаку, е новоименуван декан на Факултетот за уметности „Чедвик А. Боузман“ при Универзитетот „Хауард“. Нејзината позиција започна на 1 јули. Инаку, по негативните реакции, Рашад ја избриша својата објава.

Официјалните профили на универзитетот на социјалните мрежи се осврнаа на ситуацијата приближно девет часа по пораката на Рашад. Во објавата на „Хауард“ се вели дека „нејзиниот првичен твит немал чувствителност кон оние кои преживеале сексуален напад“. Универзитетските власти ветија и дека „ќе продолжат целосно да се залагаат за преживеаните и ќе го поддржуваат нивното право да бидат сослушани“.

Надлежните од универзитетот засега немаат дополнителен коментар за иднината на работното место на Рашад.

Според познавачи, ослободувањето на Козби не значи дека тој е невин, туку тоа е резултат на правни пропусти.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2021 13:57