Македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер го ангажираше денеска унгарскиот репрезентативен голман Мартон Секељи, потпишувајќи со него договор за едногодишна соработка.

Секељи)31) доаѓа на местото на голманот на репрезентацијата на Египет, Карим Хендави, кој во следната сезона повторно ќе настапува во домашното првенство и ќе ги брани боите на Замалек од Каиро.

Египетскиот клуб, како што е соопштено, ја откупи клаузулата од договорот на Хендави, кој имаше потпишана соработка со Еурофарм Пелистер до јуни 2022 година.

– Клубот е исклучително благодарен на професионалец како Хендави и му посакува многу успех во понатамошниот тек на кариерата, соопшти попладнево Еурофарм Пелистер.

Новиот чувар на мрежата на битолскиот клуб минатата сезона ја мина во Порто, а претходно настапуваше за Балатонфуреди, Чурго, Татабања и Веспрем. Секељи за унгарската репрезентација има 49 настапи, а беше прогласен за унгарски голман на годината во 2018 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/07/2021 19:58