Зголемената фреквенција моторни возила во летниот период, заедно со покачените температури, придонесуваат и за зголемен број на сообраќајни незгоди и на бројот повредени и загинати на патиштата. Затоа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Министерството за внатрешни работи реализираат летна кампања 2021 „Вози одморен“, со цел да се укаже на возачите да не седнуваат заморени зад управувачот, како и да не управуваат моторни возила под дејство на алкохол.

Горана Кожуваровска, претседател на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот, денеска од Охрид појасни дека сообраќајни незгоди предизвикани од замор честопати завршуваат со фатални последици, и оттаму неопходноста возачите одморени да тргнуваат на пат како и правење паузи најмалку после два часа минати зад управувачот.

Таа додаде дека покрај заморот битни фактори што влијаат врз бројот незгоди се и несоодветната брзина на движењето на возилата, како и управувањето возила под дејство на аклохол.

Тони Ангелковски, портпарол на МВР, истакна дека покрај превентини акции како оваа за подигнување на свеста кај возачите, се спроведуваат и репресивни акции за санкционирање на несовесните лица зад управувачот.

– Само во текот на изминатата ноќ на територијата на Охрид се изречени казни на 28 возачи што управувале возила под дејство на алкохол, додека на ниво на државата во текот на вчерашниот ден се изречени 574 санкции за управување возило со брзина поголема од дозволената, рече Ангелковски.

Од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и од МВР и овојпат апел до граѓаните на одговорно и примерно однесување во сообраќајот, почитување на правилата и прописите како би се намалил бројот незгоди.

На Градскиот плоштад во Охрид граѓаните имаат можност симулационо со специјални „пијани“ очила да се уверат на органиченоста на сетилата односно како би управувале возило под дејство на алкохол.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/07/2021 15:02