Како дел од подобрување на урбаната инфраструктура во општина Центар, предвидена е реконструкција на девет детски игралишта во општината, како и санација на уште четири детски игралишта, информира општина Центар.

– Комплетна реконструкција е предвидена за игралиштата во дворот на основното училиште „Ј.Х. Песталоци", на улицата „Партеније Зографски" на Водно, во објектот Бели Мугри на детската градинка „Кочо Рацин", игралиштето на улица „Владимир Полежановски", зад Универзалната сала и игралиштето во основното училиште „11 Октомври", се вели во соопштението.

Како што информираат од општината, реконструкцијата на игралиштата предвидува целосна обнова на реквизитите, поставување на нови гумирани и бетонски подови, нови лулашки, клупи, канти за отпадоци и останата урбана опрема.

Предвидената санација на детските игралишта ќе се врши на плочникот зад поранешна „Агромеханика", во паркот „Капиштец", игралиштето зад ТЦ „Зебра" и детското игралиште во населбата Пролет.

– На овие игралишта ќе се сервисираат искршените и оштетени реквизити, ќе биде обновена бојата и ќе бидат дополнително уредени со урбана опрема и зеленило, за да се добие целосна функционалност и повторно да бидат на располагање на децата и родителите кои дневно ги посетуваат, соопшти општина Центар.

За реконструкција и санација на детските игралишта, општина Центар информира дека се издвоени вкупно десет милиони денари, средства од општинскиот буџет, со што ќе се покријат сите трошоци за овие активности.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2021 14:41