По повеќемесечни гласини, конечно се знае како ќе изгледа новата верзија на рачната конзола „Нинтендо свич ОЛЕД“… Таа осамна на твитер-профилот на „Нинтендо“, а нејзините спецификации, се чини, во голема мера се совпаѓаат со оние што се појавија во медиумите последниве месеци.

Продажбата почнува на 8 октомври оваа година, по цена од 349,99 американски долари (околу 300 евра). Достапен ќе биде и „Свич лајт“ модел со цена од 170 евра.

Новата конзола има 7-инчен ОЛЕД екран, што е поголем од 6,2-инчниот ЛЦД екран од претходниот „Свич“.

ОЛЕД-технологијата се смета за една од најдобрите на пазарот и, за разлика од ЛЕД-технологијата, не се потпира на позадинско осветлување за прикажување на сликите. Наместо тоа, ОЛЕД-екранот прикажува слики користејќи светлина што ја емитува секој пиксел поединечно, што значи дека може да се добие совршено црна боја, како и поголеми нивоа на контраст. ОЛЕД-екранот е и поголем од ЛЕД-екранот, што е корисно при видеоигри како „Марио Карт 8 делукс“, или „Леџенд оф Зелда“, на пр., која ќе се појави на пазарот во 2022 година.

Исто така, внатрешната меморија на новата конзола е зголемена од 32 на 64 гигабајти, а поддржува и микро-СД картички. Батеријата трае меѓу 4,5 и 9 часа, а за полнење потребни се околу три часа. Корисниците имаат на располагање 3,5-милиметарски приклучок за слушалки како УСБ-конектор за полнење и повеќе други нови можности.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/07/2021 14:22