Вдовицата на убиениот претседател на Хаити, Жовенел Моиз, која беше повредена при нападот врз нејзиниот сопруг, Мартин Моиз, се врати во карипската држава.

Мартин Моиз пристигна на Хаити откако беше отпуштен од болница во Мајами, каде беше хоспитализирана поради повредите.

Таа претходно во снимена аудио порака на креолски јазик изјави дека непријателите на нејзиниот сопруг сакале „да го убијат неговиот сон, неговите планови за иднината и неговата идеологија”.

На аеродромот во Порт о Пренс, Мартин Моиз беше пречекана од вршителот на должност премиер на Хаити, Клод Жозеф.

Жованел Моиз беше убиен на 7 јули од вооружени лица кои упаднаа во неговата резиденција. Според властите во нападот учествувале државјани на Хаити, државјани на САД по потекло од Хаити и поранешни колумбиски војници.

Приведени се 23 лица под сомнение дека учествувале во атентатот врз Моиз, од кои 18 Колумбијци, и двајца американски државјани по потекло од Хаити.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/07/2021 16:00