Македонската женска ракометна репрезентација до 19 години загуби поопладнево од Исланд на пенали 2:4 (28:28, 13:16) и како шестопласирана го комплетира настапот на ЕХФ шампионатот што денеска завршува во Скопје.
Македонските ракометарки успеаја во финишот од регуларниот дел со серија од 5:0 да ја анулираат предноста на Исланѓанките од 28:23, но гостинките беа поуспешни во изведување на ударите од седум метри.
Најефикасни во македонскиот состав беа Ивана Џатевска со шест и Андреа Седлоска со пет погодоци.
Претходно на ЕХФ шампионатот, избраничките на селекторот Љубомир Савевски ги совладаа БиХ, Косово и Финска, одиграа нерешено против Фарски Острови, а загубија од Холандија.