Џеф Безос, најбогатиот човек на светот, утре рано наутро ќе му се приклучи на „клубот на астронаути“, со првиот свој лет преку неговата компанија „Блу ориџин“.

Само две недели претходно, еден друг милијардер – основачот на „Вирџин Галактик“, Ричард Бренсон го имаше своето „огнено крштевање“ во вселената. Сепак, целите на „Блу ориџин“ се поамбициозни – во однос на височината до која ќе се издигне леталото „Њу Шепард“ на Безос, но и во однос на иднината.

Имено, Безос ја основа вселенската агенција во 2000 година, со цел еден ден да се изградат вселенски колонии со вештачка гравитација во кои ќе работат и живеат милиони луѓе. Денеска, компанијата работи и на орбиталната ракета „Њу Глен“ чија цел е слетување на Месечината.

– Тие имаа 15 успешни летови без екипаж со „Њу Шепард“ и со години чекавме да видиме кога луѓето ќе почнат да одат во Вселената… Ова се „возбудливи времиња“ за ентузијастите!, изјави Лора Форчик, основачка на вселенската консултантска куќа „Астралитикал“.

„Њу Шепард“ ќе биде лансиран во 3 часот по средноевропско време, на 20 јули од космодромот „Лонч сајт уан“, во западен Тексас. Пустинското место на полетувањето е на околу 40 километри од најблискиот град Ван Хорн.

Настанот ќе се пренесува во живо на интернет-страната на „Блу ориџин“.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/07/2021 11:58