Македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер денеска официјално го промовираше српскиот репрезентативец Немања Обрадовиќ во свое ново засилување за новата сезона.

Српскиот лев бек се обврза на едногодишна соработка со екипата од Битола.

– Еурофарм Пелистер е клуб со голема традиција и амбиција и секоја година го забележувам напредокот. Минатата сезона нијанси решаваа. Среќата во спортот често е пресудна. Верувам дека оваа сезона можеме подобро да се претставиме. Нè има повеќе и ќе има повеќе ротации, но ќе има и повеќе натпревари, изјави Обрадовиќ на официјалната промоција.

– Коронавирусот го промени спортот. Навивачите во Битола се многу важен фактор. Сите знаат дека фановите тука се многу страсни и живеат за овој спорт. Ако ги имаме како поддршка на трибините, тоа ќе биде голем плус за нас, додаде 30-годишниот српски интернационалец, кој доаѓа од редовите на хрватскиот првак ППД Загреб.

Еурофарм Пелистер ќе биде вториот македонски клуб во кариерата на Обрадовиќ по скопски Металург.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/07/2021 21:50