Еден од основачите и долгогодишен шеф на „Близард“, Мајк Морхаим на Твитер ги коментираше обвинувањата поврзани со сексуално вознемирување, злоупотреба и дискриминација на жени во една од најголемите компании за видеоигри во светот.

„До сите жени во ’Близард’ кои доживеале некоја од наведениве работи, исклучително ми е жал што Ве изневерив. Слушам, Ви верувам и жал ми е што Ве разочарав“, напиша тој.

Тој му помогна на студиото познато по игрите „World of Warcraft“, „Diablo“и „Overwatch“ да стане едно од најуспешните во светот. Сепак, во 2018 година тој го напушти „Близард“ и ја основа новата компанија „Дримхевн“, која многумина ја доживеаја како удар врз угледот на „Близард“.

Како што покажаа судските документи, негативната атмосфера во „Близард“ била присутна и во неговата ера.

„Бев во ’Близард‘ 28 години. За тоа време се обидов да создадам средина која ќе биде безбедна и отворена за луѓе од сите полови, без оглед од каде доаѓаат. Знаев дека не е совршено, но очигледно фактот дека толку многу жени биле малтретирани и немале поддршка значи дека ги изневеривме и не успеавме да создадеме безбедна средина во која луѓето ќе можат да ја раскажат својата страна на приказната. И, не е пријатно што други компании имаат слични предизвици. Сакав да бидеме различни, подобри“, вели тој.

Обвинувањата почнаа да се појавуваат кон крајот на јули и многу вработени почнаа јавно да ги повикуваат водечките луѓе да променат нешто. Претседателот на „Близард“, Џеј Ален Брек во и-мејл до вработените напиша дека обвинувањата се „крајно проблематични“. Но, фактите говорат дека токму тој е наведен во обвиненијата како човек кој пропуштил можност да запре низа сексуални вознемирувања на вработените жени таму.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/07/2021 12:40