Русија ги блокираше сајтовите на два медиуми и една група за заштита на човековите права поврзани со протераниот критичар на Кремљ, Михаил Ходорковски, додека властите го засилуваат притисокот врз опозицијата пред парламентарните избори.

Рускиот контролор на Интернетот „Роскомнадзор“, на барање на обвинителите го ограничи пристапот до сајтовите на „Open Media“ и „MBKh Media“, како и до сајтот на групата за човекови права „Правозаштитни откритија“.

И групата за човекови права и двата медиуми вчера соопштија дека се затвораат за да го заштитат персоналот од можно малтретирање.

„Open Media“, медиумот што беше основан во 2017 година со финансиска поддршка на Ходорковски, на Твитер соопшти дека руските власти не сакаат критички медиуми и додаде „но, барем се обидовме“.

Во последните месеци во Русија се забранети бројни независни медиумски организации и групи како дел од зголемената репресија врз опозицијата пред парламентарните избори во септември.

„Open Media“, опозициска група основана од Ходорковски, во 2017 година беше идентификувана како „непожелна“ организација во Русија, согласно законот ѓшто беше насочен кон странски групи обвинети за политичко мешање. Групата, во мај, сооошти дека се затвора за да ги заштити своите членови од прогон.

Ходорковски, кој беше сопственик на нафтениот гигант „Јукос“ пред да биде осуден во два контроверзни случаи и помина една деценија зад решетки, сега живее во странство. Во јули, властите го забранија „Проект“, еден од последните независни медиуми во земјата, што се фокусираше на деталните информации за богатството на руската елита, вклучувајќи го и претседателот Владимир Путин.

Рускиот медиумски регулатор истиот месец блокираше 49 сајтови поврзани со затворениот критичар во Кремљ, Алексеј Навални, вклучувајќи ја и неговата главна Интернет страница- navalny.com.

Парламентарните избори во Русија ќе се одржат од 17 до 19 септември.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/08/2021 13:53