Глумицата Тереза Палмер е бремена со своето четврто дете, па неодамна на Инстаграм откри дека своите малечки ги дои веќе осум години по ред. Таа го роди своето прво дете во 2014 година…
„Денес е 2.728-миот ден од доењето. Почнав на 17 февруари 2014, кога го родив мојот прв син. Го доев додека бев бремена со другиот син, а потоа ги доев наизменично една година. Продолжив да го дојам мојот втор син и во третата бременост, а потоа ги доев и него и ќерка ми. За време на оваа бременост, јас сѐ уште го дојам третото дете и наскоро, по третпат ќе дојам две“, пишува таа.
Потоа вели колку тоа понекогаш ѝ е тешко.
„Уморна сум и си го сакам телото за мене, а другпат чувствувам длабока благодарност за тоа искуство… На жените не треба да им се суди затоа што ги хранат своите деца. Пред две години, маж и жена ме нападнаа затоа што ја доев мојата шестнеделна ќерка на клупа во парк. Тоа ми се случи првпат откако станав мајка, па многу ме потресе. Се надевам дека жените кои ја имаат таа можност, ќе можат да го сторат тоа без страв од осуда. Тешко ми е да поверувам дека дебатата за ова сѐ уште трае“, вели Палмер.
Инаку, Тереза и нејзиниот сопруг Марк Вебер имаат три деца – синовите Боди Рејн (7) и Форест Сејџ (4,5) и ќерката Поет Лејк (2). Наскоро ќе го добијат и четвртото бебе, а глумицата на Инстаграм често споделува семејни фотографии – и такви на кои таа ги дои своите деца.