Џејмс Патерсон, се чини, стана омилен автор за богатите и славните кои сакаат да го направат својот прв пробив во светот на романите. Откако работеше со поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон, на неговите два политички трилери, популарниот писател деновиве објави дека контактира со Доли Партон за нејзиниот дебитантски роман, пренесува „Венити фер“.
Книгата, насловена „Трчај, Роуз, трчај“ (Run, Rose, Run), ќе биде објавена на 7 март 2022, од компанијата „Литл, Браун“. Партон создаде и албум со ист наслов, со 12 нови оригинални песни.
– Не може да бидам повозбудена поради објавувањето на мојот прв роман со одличниот Џејмс Патерсон. Ќе имам и нов албум што ќе ја придружува книгата. Ги напишав сите нови песни врз основа на ликовите и случките во книгата. Се надевам дека книгата и песните ќе ви се допаднат исто како што ние уживавме во нивното создавање!, рече Партон за списанието „Пипл“.
Патерсон во своите забелешки додаде дека му било чест, како и „многу забавно да работи“ со неповторливата, речита и великодушна Доли Партон.
Книгата „Трчај, Роуз, трчај“ раскажува приказна за млада жена која се сели во Нешвил, Тенеси, САД, за да го оствари својот сон да стане кантри-ѕвезда. Меѓутоа, потеклото на нејзините трогателни песни е ужасна тајна, која таа се обидува да ја сокрие… Но, минатото од кое бега, се обидува да ја достигне и да ѝ ја контролира иднината, по цена на сѐ за што таа работела толку напорно.