Македонскиот шампион Вардар, го освои 49. Струшки ракометен турнир, откако синоќа во драматичен дуел и реприза од ланското финале му се реваншираше на Еурофарм Пелистер, совладувајќи го дури по продолженијата со 33:32 и по 13-ти пат го освои овој турнир. Во регуларниот дел натпреварот заврши 28:28.

Натпреварот го реши Тимур Дибиров од пенал во последната секунда во продолженијата. Претходно за третото место Бутел го совлада тимот на Тиквеш убедливо со 29:20. Натпреварот беше решен во првите 30 минути, во кои Бутел замина на одмор со седум голови позитива (17:10).

Во првиот неделен меч, Металург го совлада домаќинот, екипата на Струга со 29:23 (15:12), со што го избегна последното место на турнирот.

За најдобар голман на 49. Струшки турнир беше прогласен Мартин Секељи од Еурофарм Пелистер, најдобар стрелец беше Златко Мојсовски од Бутел, а најдобар играч е Тимур Дибиров од Вардар.

Организаторите најавија многу звучни имиња, учесници во Лигата на шампионите за јубилејното 50. издание на Струшкиот ракометен турнир за идната година.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/08/2021 19:13