Македонскиот ракометен првак Вардар, иако обезбеди место на Ф4 турнирот во СЕХА лигата во Задар, сепак нема да се појави во полуфиналето. Таму требаше да игра со Мешков Брест.

Извршниот комитет на СЕХА лигата донесе одлука Вардар да биде исклучен поради еден позитивен случај. Според епидемиолозите во Загреб позитивниот член ќе остане во изолација 10 дена. Другите членови на екипата кои се вакцинирани, но не се поминати 14 дена од моментот на појавата на позитивен случај треба да одат во 14 дневна изолација.

– Вардар беше подготвен да игра со оние играчи кои го има на располагање, но ниту за тоа не доби дозвола. Извршниот комитет донесе одлука Вардар да биде исклучен а на местото на Вардар во полуфиналето ќе игра екипата на ППД Загреб. Сите ракометари и стручниот штаб се вратија во Скопје, со исклучок на позитивниот член кој нема симптоми, но ќе остане во Загреб до понеделник и доколку има негативен тест се враќа дома, соопштија „црвено-црните“.

За Вардар ова требаше да биде 10. учество на Ф4 турнирите, со што влезе во историјата како единствен тим што избори учество на сите завршни турнири.

Вардар останува посветен на остварување на своите цели во ЕХФ лигата на шампионите, домашното првенство и СЕХА лигата, порачуваат „црвено-црните“.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/09/2021 00:35