Проектот на учениците од 9б одделение од ООУ „Лазо Трповски“ од Скопје „Инвазивни растенија и животни во општина Карпош по течението на реката Вардар“, координиран од двајца наставници во својство на ментори, Даниела Радевска и Стефан Симовски стана дел од глобалната акција за заштита на биолошката разновидност со седиште во Хамбург, Германија.

– Еко-проектот учесниците од ООУ „Лазо Трповски“ го реализираа во соработка со Катедрата за ботаника и дендрологија на УКИМ Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг Ханс Ем во Скопје, информираа менторите.

Организатор на оваа глобална акциска мрежа се германската секција на ГЕО и еколошката фондација „Хајнц Зилман“.

Оваа меѓународна и пред се глобална акција за заштита на видовите традиционално се организира секоја година по повод Светскиот ден на биодиверзитетот.

– Годинава учествуваат околу 17 000 учесници од Европа со околу 800 проекти. Главната задача на учесниците во овој глобален проект е колку што е можно подетално да ја проучат биолошката разновидност и потребата од заштитата на видовите во своето непосредно опкружување и да ја документираат со цел да дадат автентични информации за фактичката состојба. Целосно изготвениот проект на германски јазик пред да биде реализиран мора да биде прифатен и одобрен од организаторот, посочија менторите.

ООУ „Лазо Трповски“ со овој еко-проект минатата учебна година конкурираше на распишаниот конкурс за поддршка на училишни еко-проекти од Фондот за иновации и технолошки развој, но без издржано образложение еко-проектот на училиштето беше одбиен од страна на Фондот.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/09/2021 17:43