Директорот на Националниот институт за статистика, Сергеј Цветарски, во интервју за Бугарското национално радио изјави дека предложил онлајн пописот во Бугарија да биде продолжен до 24 септември. Предлогот го доставил до Советот на министри.

Како што јави дописникот на МИА, продолжувањето било очекувано поради дефекти во системот, поради што неколку денови имало проблеми со електронската платформа за попис во Бугарија.

Цветарски пред неколку дена беше сослушан од собраниската комисија по тој повод, која беше заинтересирана дали се случил злонамерен упад во системот и дали податоците се заштитени од хакерски напади.

Пописот во Бугарија започна на 7 септември и според планот требаше да трае онлајн до 17 септември, а потоа, до 3 октомври, да се спроведе со физички попишувачи во домовите.

Цветарски додаде дека предложиле предавањето на кодот на попишувачите преку Интернет да не се врши за време на физичкото присуство на попишувачите, бидејќи Националниот институт располага со тие кодови.

До денеска, речиси еден милион бугарски државјани се попишани онлајн, вкупно 998.694. Се очекува дека околу 50 отсто од населението во земјата ќе се попише електронски.

Цветарски посочи дека имало злонамерен напад врз системот за електронски попис, а не колапс поради големиот прилив на корисници.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/09/2021 18:21