Пазарните инспектори на српското Министерство за трговија открија нелегално производство на фалсификувани хемикалии за домаќинство, детергенти и шампони од марката „Проктер&Гембл“, како и фалсификувани бисквити Плазма.
„Ова е откриено во акцијата за сузбивање на продажбата на фалсификувани производи на српскиот пазар“, изјави денеска министерот за трговија Томислав Момировиќ.
Тој рече дека на овој начин е спречена употребата на фалсификувани производи и избегната е потенцијална опасност по здравјето на граѓаните.
Момировиќ истакна дека во акција со припадници на Министерството за внатрешни работи и Основното обвинителство од Нови Сад, извршен е инспекциски надзор на повеќе локации во Нови Сад и Белград и запленета е поголема количина фалсификувани производи.
„Меѓу тие производи се 2.021 кондиторски производи, 205 хемиски производи за домаќинството, вклучувајќи детергенти за садови, детергенти за перење и средства за лична хигиена, над 11.000 пакувања за кондиторски производи и хемикалии за домаќинство, 26 буриња од по 120 литри суровини за правење течен детергент за садови и алишта, огромен број на декларации, налепници и бар кодови подготвени за лепење на амбалажата и пуштање во оптек“, рече Момировиќ.