Кинематограферот Каспер Туксен од Данска на ИФФК „Браќа Манаки“ учествува со филмот „Најлошата личност на светот“ и тој е последен од „Трилогијата од Осло“ на норвешкиот режисер Јоаким Триер.

На прес-конференција, Туксен се обрати преку видео-врска и говореше за квалитетот на неговиот филм. Посочи дека во Битола не пристигнал заради актуелната пандемија.

– Светлото е клучно во овој филм бидејќи се претставуваат многу сезони од годината. Иако сум од Данска, не е многу различна од Осло. Таму поминав четири месеци само во проучување на светлината и имав можност да го видам светлата на Осло во една година. Тоа беше добра тактика цел ден да се мине на местото каде што ќе се снима и да го гледам светлото, да го проучувам и да испланирам како ќе се снима секоја сцена во било кој дел од денот. Сценариото зависи од светлото од самиот почеток бидејќи филмот почнува со сцена од зајдисонце, има многу периоди каде се менуваат делови од денот. Режисерот сметаше дека светлото е клучно за визуелизацијата на неговата приказна, посочи Туксен и додаде дека имал чест што работел на филм за борбата на една млада жена низ животот.

Тоа ме натера, рече Туксен, да помислам, на сопругата, на сестра ми, на сите мои жени пријателки, поранешни девојки….

Во филмот „Најлошата личност во светот“, главната актерка Ренате Реисве ја доби наградата за најдобра актерка на Филмскиот фестивал во Кан.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2021 16:28