Бугарскиот министер за здравство Стојчо Кацаров побара антиваксерите кои вчера го нападнаа медицинскиот тим на мобилната станица за вакцинација во Варна да бидат изведени пред суд.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Кацаров коментирал дека медицинските лица од Варна биле принудени да ја прекинат вакцинацијата. Тој додаде дека бугарските здравствени власти нема да дозволат медицинските лица да бидат навредувани и понижувани затоа што совесно ја вршат својата работа и спасуваат животи. Кацаров беше категоричен дека вакцините се најефикасниот начин да се избегне тежок облик на болеста и смрт од Ковид-19.

Вакцинацијата против Ковид-19 во Бугарија е доброволна и секој одлучува дали ќе се вакцинира или не.

Министерот за здравство на Бугарија, исто така, коментираше дека властите во земјата не принудуваат никого да се вакцинира, но нема да дозволат организирани групи антиваксери да ги спречат оние што сакаат да бидат имунизирани. Стојчо Кацаров, исто така, коментираше дека скоро 5.000 луѓе се во болници, а 390 се во многу сериозна состојба во одделите за интензивна нега во бугарските болници со тешка форма на Ковид-19, додавајќи дека повеќе од 95 проценти од нив се невакцинирани.

– Како министер за здравство, го повикувам обвинителството да го испита случајот и, доколку се утврдат докази за кривично дело, сторителите да се изведат пред лицето на правдата, рече Кацаров.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/09/2021 23:45