Во Велес од вчера почна третата Меѓународна скулпторска колонија 2021, што ја организира Општина Велес, а на која уметниците ќе творат дела до 18 октомври.

Поради пандемијата со Ковид-19, лани и годинава на колонијата учествуваат само скулптори од земјава.

Учесници на годинешната скулпторска колонија се: Илко Стојанов од Велес, кој воедно е и координатор на колонијата, Горан Ѓорев од Демир Капија, Горан Стаменков од Скопје, Никола Пијанманов од Струмица, Кирил Мукаетов од Кавадарци и Владо Костов од Скопје.

Уметниците ќе творат со рециклирано железо во своите работилници и атељеа, а нивните дела како и од изминатите две години, потоа ќе ги красат јавните површини во Велес.

Од Општина Велес информираат дека поради актуелната состојба со пандемијата, активностите и годинава ќе се реализираат според сите протоколи за заштита од вирусот.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/09/2021 13:54