Британскиот премиер Борис Џонсон денеска изјави дека земјата нема да се врати кон „неконтролираната имиграција“ за решавање на кризата со недостигот на гориво и гас, кажувајќи дека гласачите му дале доверба да го прекине моделот на ниски плати за работни места со ниски квалификации.

На почетокот на конференцијата на неговата Конзервативна партија, Џонсон уште еднаш ја бранеше владата што ја предводи од обвинувањата на оние кои не можат да набават бензин за своите автомобили, од трговците кои предупредуваат на можен недостиг на намирници за Божиќ, како и од гасните компании кои се борат со големиот скок во цените на големо.

-Патот напред за нашата земја не е неконтролираната имиграција и овозможување на огромен број луѓе да работат. Значи, она што јас нема да го направам е да се вратам на стариот неуспешен модел на ниски плати и неквалификувани работни места, што се поддржани од неконтролирана имиграција, изјави тој за Би -Би -Си.

„Кога луѓето гласаа за промени во 2016 година и повторно во 2019 година, тие гласаа за ставање крај на неуспешниот модел на британската економија што се потпираше на ниски плати, ниски вештини и хронично ниска продуктивност. Ние се оддалечуваме од тоа“, рече Џонсон.

Британија се соочува со проблеми во синџирот за снабдување, што доведе до недостаток на гориво и голем број намирници. Џонсон јасно стави до знаење дека нема да се потпира на имиграцијата за да го реши проблемот, туку ја префрли одговорноста врз компаниите кои треба да ги зголемат платите за да привлечат повеќе работници.

Џонсон, исто така, се соочува со критики во партијата заради напуштањето на традиционалниот став на партијата за ниски даноци. Тој ги зголеми даноците за да им помогне на здравствените и социјалните сектори.

-Се разбира, ние не сакаме да ги зголемиме даноците, но она што нема да го направиме е да се однесуваме неодговорно со јавните финансии, рече Џонсон.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/10/2021 16:55