Шефот на иранската дипломатија, Хосеин Амир-Абдолахијан, побара од американскиот претседател Џо Бајден да им ослободи блокирани 10 милијарди долари за да ја покаже својата добра намера во преговорите за нуклеарниот договор и санкциите, пренесе Анадолија.

Зборувајќи за иранската државна телевизија, Амир-Абдолахијан се осврна на преговорите за нуклеарниот договор и санкциите.

-Сериозни сме во врска со преговорите и ќе се вратиме на преговарачката маса. Американците сакаа да се сретнат со мене преку различни канали. Ако Американците навистина го сакаат тоа, нека ослободат 10 милијарди долари од нашите блокирани средства. Мора да се направи чекор пред да кажеме дека Џо Бајден е различен од Доналд Трамп. Ако намерите на Бајден се сериозни, за тоа мора да има сериозни сигнали. Едно од нив е ослободување на нашите најмалку 10 милијарди долари, рече Амир-Абдолахијан.

Тој наведе дека нема да ги поврзува иранската економија и надворешна политика со нуклеарниот договор.

-Бајден вели дека не ги прифаќа методите на Трамп и истовремено се однесува како него. Бајден вели дека нема да воведе санкции како Трамп, но сака да дојде на преговарачката маса со 1.600 ставки санкции, рече министерот.

Нуклеарниот договор, чие официјално име е Заеднички сеопфатен акционен план (JCPOA), беше потпишан во 2015 година од Иран, САД, Кина, Русија, Франција, Велика Британија, Германија и Европската унија.

Според договорот, на Техеран му беше дозволено да збогатува ураниум до максимум 3,67 проценти, а светските сили за возврат се согласија да се откажат од економските санкции против Иран.

Меѓутоа, за време на мандатот на поранешниот претседател Доналд Трамп, САД во 2018 година унилатерално се повлекоа од договорот и повторно воведоа санкции против Иран, што го натера Техеран да престане да го почитува нуклеарниот договор.

Иран во јануари годинава објави нов план за дополнително зголемување на збогатувањето ураниум како противмерка на санкциите воведени од администрацијата на Трамп.

И покрај одлуката на САД да се повлече, Германија, Франција и Обединетото Кралство постојано изразуваат посветеност на договорот и го повикуваат Техеран целосно да го почитува нуклеарниот договор.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/10/2021 17:08