Над 25 години откако британскиот рок-бенд „Оејзис“ (Oasis) отсвири два историски концерти пред 250.000 луѓе во паркот Небворт во југосточна Англија, поранешниот нивни пејач Лијам Галагер најави дека ќе се врати на истото место за да го одржи својот најголем соло-концерт.

– Пресреќен сум што можам да објавам дека ќе играм во Небворт парк на 4 јуни 2022 година. Тоа ќе биде „библиско”!, рече Галагер, најавувајќи ја „најголемата свирка во соло-кариерата досега”.

Тој во петокот најави и нов албум, а големиот настап е закажан за следното лето, со пејачот Мајкл Киванук и составите „Касабијан“, „Гоут грл“ и „Фет вајт фемили“ како предгрупи.

Лијам (49) ја предводеше груата „Оејзис“ со неговиот брат Ноел Галагер. Составот имаше два концерта во Небворт во 1996 година, а настанот е овековечен со документарен филм кој излезе минатиот месец, на 25-годишнината. Бендот се распадна во 2009 година по прилично јавната расправија меѓу браќата, по што тие неколку години не зборуваа меѓу себе.

Лијам настапи на неколку музички фестивали ова лето, вклучувајќи ги и оние во Ридинг и Лидс. Тој ќе го објави својот трет соло-албум „C’mon you know“ кон крајот на мај следната година.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/10/2021 12:51