„Ролинг стоунс“ за време на американската турнеја нема да ја изведуваат песната „Brown Sugar” (кафеав шеќер) – еден од нивните најголеми хитови.

Ова се должи на загриженоста за тоа како се претставени Афроамериканките и алузиите за ропството во песната, која инаку беше број еден на топ-листите во САД, 1971 година, и го достигна второто место во Велика Британија. Ветеранот Кит Ричардс ја потврди одлуката за „Лос Анџелес тајмс“, но рече дека бил збунет оти луѓето сакаат „да ја закопаат“ песната.

– Зарем не сфатија дека тоа е песна за ужасите на ропството?! Се надевам, ќе успееме да ја воскреснеме песната во нејзина слава, Рече гитаристот.

Пејачот и писател сер Мик Џегер, за весникот изјави дека причината што не ја изведуваат песната е тоа што „тешко е да се состави соодветна листа за на стадион“.

– Песната засега може да биде исфрлена од репертоарот, па ќе видиме како ќе оди. Можеме и да ја вратиме, рече тој.

Продуцентот Јан Бренан, меѓу другите, ја критикуваше песната која, наводно, „го велича ропството, силувањето, тортурата и педофилијата“.

– Повикот не е за цензура или авторски права, туку за поголема свест и чувствителност. Овој конкретен случај е далеку од пребирливост, ситници или потрага по грешка во крајните агли на нечија приказна. „Brown Sugar“ не е само „парче“ од другата страна на плочата, рече Бренан за рок-хитот.

Песната на „Спотифај“ е слушната речиси 170 милиони пати.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/10/2021 13:52