Потпретседателот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) Џон Котс изјави денеска дека не е во надлежност на организацијата да се занимава со прашањето за почитување на човековите права во Кина, која ќе биде домаќин на Зимските олимписки игри во февруари идната година.

Кина веќе со години е цел на критики од бројни држави и меѓународни организации за кршење на човековите права и геноцид врз ујгурското муслиманско малцинство и други етнички групи во провинцијата Ксинџанг.

Котс, кој воедно е и претседател на Олимпискиот комитет на Австралија, рече дека човековите права се важен дел од темелните начела на Олимписките игри, но оти МОК мора да го почитува суверенитетот на земјите домаќини.

– Задача на МОК е да обезбеди да нема кршење на човековите права во смисла на спроведување на Игрите во рамки на националниот олимписки комитет и внатре во Олимпиското движење. Немаме надлежност да одиме во една држава и да и кажеме што треба да прави. МОК не е светска влада. Задачата на МОК е да ги штити олимпијците, кои учествуваат на Игрите, тоа е во нашата надлежност, изјави Котс.

Зимските олимписки игри ќе се одржат од 4 до 20 февруари во Пекинг, а Параолимписките игри од 4 до 13 март 2022 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/10/2021 21:33