Светски познатата канадско-американска пејачка Селин Дион го одложува отворањето на своето ново шоу во Лас Вегас, поради здравствени проблеми.

Легендарната пејачка „доживува тешки и напорни грчеви во мускулите“ што ја спречуваат да настапува, се вели во соопштението за печатот. – „Нејзиниот медицински тим продолжува да ја проценува и третира. Сепак, симптомите што ги доживува, не ѝ дозволуваат да учествува во тековните проби за новото шоу “.

Дион требаше да отвори ново шоу во „Ресортс ворлд театарот“ (Resorts World Theatre) во Лас Вегас на 5 ноември. Меѓутоа, претставите за оваа година, како и оние за јануари и февруари, се откажани.

„Ме скрши срцето од ова“, напиша Дион на Инстаграм. – „Мојот тим и јас работевме на нашето ново шоу изминативе осум месеци, и тоа што не можеме да го отвориме овој ноември ме растажува многу“.

Во интервју претходно оваа година, Дион проговори зошто толку години настапува во Лас Вегас, истакнувајќи дека тоа ѝ овозможува да остане на едно место со своето семејство.

Новиот датум на отворање на нејзиното ново шоу сѐ уште не е одреден. Од друга страна, продолжението на „Светската турнеја за храброст“ на Дион сѐ уште важи за во март.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/10/2021 14:59