Првото тргување на берзански фонд поврзано со фјучерси на биткоин беше извршено на Волстрит, што значи дека инвеститорите во криптовалути конечно го добија она што го бараа, јави Си-Ен-Ен.

Фондот ETF ProShares Bitcoin Strategy почна со тргување вчера по цена од 40 долари по акција, под етикетата BITO и го заврши денот со раст од пет проценти. Ова е првиот од неколкуте фондови што се подготвуваат да дебитираат со фјучерси на биткоин на Њујоршката берза. VanEck, Invesco, Valkyrie и Galaxy Digital се меѓу неколкуте инвестициски компании кои поднеле апликации до Комисијата за хартии од вредност за да започнат тргување со договори за биткоин ЕТФ, според Си-Ен -Ен.

Вредноста на оваа криптовалута се опорави и покрај постојаните критики од генералниот менаџер на инвестициската банка JP Morgan Chase & Co, Џејми Димон, кој неодамна рече дека биткоинот е „безвреден“.

Цената на биткоинот вчера попладне надмина 64.000 долари, што се зголеми од нивото забележано на крајот на септември од нешто помалку од 44.000 долари, што е зголемување за над 40 проценти. Биткоинот сега е само еден процент подалеку од историскиот максимум, достигнат на почетокот на оваа година, што беше нешто под 65.000 долари.

Одобрувањето на договорите за тргување со ЕТФ е пресвртница за индустријата, рече претседателот на фондацијата за Bitcoin, Брок Пирс за Си-Ен-Ен. Тој додаде дека ова го чекал долго време, имајќи предвид дека бројни претприемачи и компании бараат одобрување од регулаторот од 2013 година. Според него, започнува ерата во која малите инвеститори можат директно да инвестираат во биткоин преку фондот ЕТФ, што служи како дополнителна валидација за биткоин и други криптовалути низ САД и на глобална основа.

Експертите велат дека ЕТФ ќе го приближи биткоинот до масите и ќе му овозможи на просечниот инвеститор да учествува во тргување, без да мора самиот да го рудари.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/10/2021 15:20