Тинејџерите и младите луѓе минуваат сѐ помалку време на Фејсбук, сѐ помалку се регистрираат и сѐ помалку објавуваат, јавува „Блумберг“, повикувајќи се на интерни документи на компанијата. Тоа може негативно да се одрази на заработката на компанијата.

Во март, раководството на организацијата добило извештај кој наведува дека тинејџерите минуваат 16 отсто помалку време на страната од лани, а „младите возрасни“ – 5 отсто помалку. Намален е и бројот на регистрации кај тинејџерите. Дополнително, просечната возраст на корисниците кои првпат се регистрираат на социјалната мрежа е зголемена од 19-20 на 24-25 години. Вработените во Фејсбук не знаат кои се точно причините за овој тренд.

„Постои проблем со начинот на кој младите споделуваат податоци за нивните животи. Тие претпочитаат други апликации да зборуваат за секојдневните работи и да споделуваат важни мигови од својот живот“, посочува овој интерен документ.

Самата компанија верува дека интересот на младите и тинејџерите ќе продолжи да опаѓа и наредните години. Покрај тоа, поранешниот вработен во социјалната мрежа Френсис Хоган го обвини Фејсбук дека „не е транспарентен кон своите инвеститори и рекламни клиенти“. Според наводите, раководството претпочита да не ја разгласува оваа тенденција, бидејќи стравува дека тоа може да доведе до губење на приходите од реклами на платформата.

Во составувањето на „Досието Фејсбук“ учествуваа 17 американски медиуми. Новинарите работеа заедно, прегледувајќи илјадници страници интерни документи на американската фирма.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/10/2021 11:50