Малезиски гинеколог го осмисли првиот „унисекс“ кондом во светот кој може да го користат и жени и мажи, наречен „Уандалиф“. Како што вели, тој е многу тенок и издржлив, а изработен е од медицински полиуретан којшто се користи како облога за рани и други повреди.

Пронаоѓачот, д-р Џон Танг Инг Чинг, е гинеколог и основач на „Твин каталист“ (Twin Catalyst) – компанија која произведува медицински материјали. Тој се надева дека „Wondaleaf Unisex Condom“ ќе ги поттикне луѓето да се грижат повеќе за своето сексуално здравје без разлика на полот или сексуалната ориентација.

– Во суштина, тоа е обичен кондом со леплива обвивка. Благодарение на лепливата обвивка, кондомот се закачува за вагината или пенисот, а ја покрива и околната област, заради поголема заштита, објаснува малезискиот лекар.

На својата интернет-страница, Танг напиша дека „лепливиот дел од кондомот ‘Уандалиф’ е само на едната страна од него, но бидејќи може да се преврти, може да го користи кој било пол“. Една кутија содржи два кондома и ќе чини околу три евра. Просечната цена за 10 кондоми во Малезија е меѓу четири и девет евра, но за новиот производ се вели дека е доста тенок, флексибилен, но и силен и водоотпорен.

– Врз основа на бројните клинички испитувања што ги спроведовме, јас сум прилично голем оптимист и верувам дека со текот на времето овој кондом ќе биде значаен придонес за многу други контрацептивни средства кои се користат во спречување од несакана бременост и сексуално преносливи болести, изјави Малезиецот.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/11/2021 11:59