Она што денес го знаеме како „бакнеж“, според еволутивните психолози, можеби потекнува од „хранењето од уста“, коешто и денес се среќава кај некои животински видови. Претпоставката говори: Кога предците на денешните луѓе не знаеле за друг начин на пасирање храна, мајката по потреба му ја џвакала храната на своето бебе.

Има и други фактори кои градат и други претпоставки... Бебето, на пример, може да види само 20 - 25 сантиметри пред лицето, а поради тоа, луѓето од рана возраст ја развиваат способноста на препознавање лица со голема точност, во однос на другите животни. Лицето е важно за односите меѓу човечките единки. Покрај тоа, човековиот порив нè тера да го имитираме однесувањето, на пример на тој пред нас како вид социјално поврзување (во смисла - ако таа личност нè бакнува, ние ѝ враќаме со иста мера). Сè тоа е признак на топлината, удобноста и љубовта на мајчинската грижа и воспитување, кои потоа еволуирале и се прошириле во другите меѓучовечки односи, слично како и кај другите животни кои се бакнуваат, пишува порталот „Јаху лајф“.

Луѓето не се единствениот вид кој се бакнува од љубов. Но, првите историски сведоштва за романтично бакнување се од бронзеното доба, од околу 2500 - 3500 г. п.н.е. На подоцнежна плоча, пак, од Месопотамија или Блискиот Исток, од 1900 г. п.н.е. на клинесто писмо е напишано: „Горната усна ми станува влажна, додека долната усна ми трепери! Ќе го прегрнам, ќе го бакнам“.

Оттука, бакнувањето веќе станувало толку „културно вкоренето“ меѓу луѓето, што околу 1.000 години потоа служело како начин да се запечатат брачните договори во Стариот Рим. И денес, бакнежот може да значи договор, но нема таква „правна“ тежина...

Истражувачот Шон Кернан говори за бакнежот како „сетилен тест со усните“ којшто треба да ја потврди компатибилноста...

- Пред неколку години, без да навлегувам во „страшните“ подробности... Бакнав жена со која се забавував и тоа не мина добро. Не дека таа се бакнуваше лошо и немаше никакви хигиенски проблеми. Дури и ми беше прилично привлечна... Сепак, нешто едноставно се почувствува и искуството „не ја пројде проверката“. Во тоа време не го разбрав тоа, раскажува Кернан.

Научните претпоставки тука велат дека е можно таа одбивност да е поврзана со генетската некомпатибилност. Меѓу теориите е и она дека човековото сетило за мирис може да открие имунолошка компатибилност со партнерот, т.е. луѓето со хетерозиготни MHC-гени (или со различни гени) произведуваат поздрави потомци. Д-р Марија Бикаљо, професорка по Имунологија на Универзитетот на Парана во Бразил, вели:

- Можеби е примамливо да се мисли дека луѓето ги избираат своите партнери поради нивните сличности. Но, нашето истражување јасно покажува дека разликите се тие што придонесуваат за успешна репродукција и дека потсвесната желба за здрави деца е важна при изборот на партнер.

Во споменатото научно испитување, што опфатило 90 брачни двојки, се открива многу поголема генетска различност во споредба со случаите со „случајна двојка“ од 152 парови.

Од друга страна, пак, занимливо е и тоа дека сè уште има култури каде што нема бакнување. Бакнувањето не е присутно кај многу народи во Африка, но и во Австралија - сè додека не пристигнале доселениците од Европа.

Бакнувањето во уста често го означуваме како израз на љубов. Усните и јазикот се меѓу најчувствителните делови од телото и се поврзани со задоволството, но и со намалувањето на стресот... Бакнувањето, исто така, ги зајакнува врските, на пример во миг на неизвесност.

Нашето тело всушност знае дека се изложува на бактерии, па во некои случаи и на физичка опасност при интимен момент со некого. А, сепак, кога ја бакнуваме вистинската личност, сè се чувствува некако правилно и многу добро.

Ниту една теорија за бакнежот не е докажана. Можеби еволуирал од хранењето со уста, од биолошкиот нагон за откривање на хемијата меѓу двајца преку хормоните и мирисот или за зајакнување на имунитетот - или едноставно, за зајакнување на врските со саканите и драги личности... Како и да е, за добро или за лошо, бакнежите тешко се забораваат.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/07/2024 11:42