Во Националната галерија, објект Мала станица, вечер во 19 часот ќе биде отворена биенална изложба со дела од 31-та и 32-та сесија на Ликовната колонија Галичник. Двете сесии го третираа проблемот на екологијата, заштитата на животната средина и враќање на загубената врска со природата.

Најголем дел од делата се изработени во нови медиуми, како видеа, видеоинсталации, дигитални графики, фотографии, интервенции во простор, објекти и концептуални слики и графики.

Триесет и првата сесија имаше концепт насловен „Коегзистениција“ кој ја пролематизираше (изгубената) релација помеѓу природата и човекот, релацијата или коегзистенцијата на видливиот свет со невидливите опасности како што се вирусите, коегистенцијата на уметноста и обичниот човек; уметноста и политиката; уметноста и екологијата; уметноста и технологијата.

Учествува и со свои дела ќе бидат претставени македонските уметници: Ненад Тонкин, Јана Јакимовска, Шќипе Мехмети, Борче Богоевски, Тања Ристовска, Игор Таневски, Ана Трајковска и Ана Ивановска, Жангхонг Лиао (Кина), Бурим Муфтиу (Косово),Тарлан Лотфижаде (Иран), Слободан Радојковиќ и Марина Марковиќ (Србија), Франциско Томшик (Уругвај), Ивана Радовановиќ (Црна Гора), Рубен Бас (Германија).

Триесет и втората сесија пак, имаше концепт насловен „Визуелна интрузија“. Интенцијата на овој дискурс беше со визуелна интервенција, т.е. интрузија на природниот амбиент на Галичник и неговата околина, да се визуелизира контрастот и моќта која човекот ја има во загрозувањето, но и заштитата на животната средина и зачувување на нејзиниот природен облик.

– Ваквите интервенции треба да го подигнат нивото на свеста и да имаат директен импакт во процесот на будење и преземање одговорност за своите постапки. Под поимот екологија разгледуваме поширок опсег на дискурси поврзани со историјата, архивирањето, доминацијата итн, соопшти организаторот на Колонијата.

Учесници на 32-та сесија беа: Џозеф ван Калденбург (Холандија), Милка Делибашиќ (Црна Гора), Магдалена Кучко (Полска), Ана Марија Паску (Романија), Клица Антониу (Кипар), Зара Александрова (Бугарија), Ејгул Догруел (Турција), Денис Јагџи (Косово/Македонија) и нашите автори: Гордана Вренцоска, Христина Зафировска, Ивана Ивна Самандова, Горанчо Ѓорѓиевски, Доротеј Нешовски, Кристијан Јовановски и Зоран Георгиев. Нивните дела ќе бидат презентирани на изложбата, која ќе биде поставена до 19 ноември 2021.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/11/2021 10:53