Во галеријата Лола Николау во Солун од денеска до 9 декември ќе биде поставена изложбата „Ко-екзистенција, со-чувство“ на уметниците Мице Јанкуловски од Македонија и Јоргос Ксенос од Грција.

Куратор на изложбата е проф. Манос Стефанидис.

– Никогаш не ми ни паднало на памет да пишувам предговор за уметничка изложба и да почнам не со претставените уметници, туку од галеристот. Но, сега ова е сосема посебен случај. Сега станува збор за Лола Николау, историската галеристка од Солун која помогнала во ширењето и поширокото прифаќање на современата уметност во таканаречената „нимфа на северот“. Покрај тоа, Лола Николау беше таа што пред неколку години прва го претстави на Грција многу важниот уметник од Скопје, Мице Јанкуловски, како и онаа која соодветно го виде дијалогот што тајно се развиваше меѓу него и уметничкото остварување на Јоргос Ксенос. Значи првата заслуга ѝ припаѓа нејзе, а потоа на конкретната изложба наречена, мислам многу успешно, ко + егзистенција – соживот со она што ова значи уметнички, културно, па дури и политички во тешките, но и чудните денови што ги живееме. Ко + егзистенција, со + чувство… она што се бара во нашето критично време. Во нашиот микрокосмос и во поширокиот свет, вели во предговорот за изложбата кураторот Манос Стефанидис.

Посочува дека е многу важно заедничкото претставување, соживот, дијалог и комплементарност на двајцата сликари кои доаѓаат од различни естетски традиции, но се спојуваат во заедничка естетика, жртвувајќи и означувајќи недвојбена модерност.

– Двајцата творци со очигледните афинитети – опседнатоста со црното и чувството за монументална-театралност, но и акцентот на самиот сликарски чин одамна ми го привлекуваат вниманието од многу причини и уште една: затоа што го бранат заедничкото, балканско наследство без страв или други психози, покажувајќи дека уметноста не раздвојува, туку само обединува со елиминирање на вештачките граници и субверзивни ривалства. Токму заради оваа причина, му предложив на Министерството за култура за следното Венецијанско биенале Јоргос Ксенос да ги изложи своите шокантни, космолошки слики во грчкиот павилјон со гостин уметник, симболично подеднакво евокативниот Мице Јанкуловски како гест на пријателство, но и на сила. За координиран напор за културно обединување на Балканот. За промоција на Солун како град на на културата и комуникацијата. Што може да биде подобар одговор на нашите груби соседи од овој напор? Нашиот предлог иако неодобрен, јас лично ветувам дека ќе продолжам да го поддржувам. И оваа изложба, ко + егзистенција што Лола Николау толку совршено ја организира со ко + чувство за одговорност, е јасен доказ токму за оваа волја. наведува проф. Манос Стефанидис за изложбата на Мице Јанкуловски и Јоргос Ксенос.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/11/2021 10:12