Општина Центар јавно го објави извештајот на претседателот на жири комисијата за избор на идејно решение за локалитетот на фабриката „Треска“, архитект Миодраг Радоњиќ Бато.

Како што соопшти Општина Центар, станува збор за извештај кој се однесува на три конкурсни трудови кои на жири комисијата предводена од архитект Миодраг Радоњиќ Бато – претседател, делегиран од АА при Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) беа предадени на 5 октомври 2021 година.

За идејно решение за локалитетот на фабриката „Треска“, прворангиран е конкурсниот труд со шифра „ГДВОР“ со доделена втора награда во износ од 369.000 денари изработен од група автори – Јован Ивановски, Паолина Милушева, Теа Дамјановска, Михајло Стојановски, Билјана Темелковска и Маја Јанковска.

-Со конкурсното решение се предлага просторен концепт оформен од пет полуотворени станбени блокови, отворени кон централниот парковски простор со комбинирана катност од П + 4 до П + 8 лоцирани долж ул.„ Франклин Рузвелт“, централно поставен парк подолжно во правец север-југ, како и станбени низови со катност П + 3 и П + 4 долж улицата „ Адолф Циборовски“. Со самата форма на блоковите оформени се интимни дворови за станарите и се поплочани и раззеленети и сите се ориентирани кон централниот парк, соопшти Општина Центар.

Второрангираниот конкурсниот труд со шифра „SRHNC“ со доделен откуп во износ од 30.000 денари е дело на Сара Симоска, Лимба Минова Златески, Ружица Станковиќ, Нина Стрезовска, Христијан Пелтековски и Теодор Ангеловски.

Со ова конкурсно решение се предлага просторен концепт оформен од станбени блокови со катност П + 6 и станбени кули со катност П + 17 ,со намена А2 – домување, поврзани меѓу себе со внатрешни отворени атриуми. Композицијата на станбените целини е со високи и пониски објекти и партерното уредување и организација на атриумите со содржини за одмор, рекреација и можности за културни збиднувања.

Автор на треторангираниот конкурсниот труд со шифра „КСИНГ“ со доделен откуп во износ од 30.000 денари е Јане Стојаноски. Неговото конкурсно решение се базира врз сеопфатна анализа на поширокото градско подрачје со цел да се интегрира просторот на фабриката „ Треска “ преку препознатливи вертикални акценти долж улицата „ Митрополит Теодосиј Гологанов“.

Конкурсното решение нуди вертикален елемент – кула од 71,60м со П + 16 со намена хотел, на аголот на улиците „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и „Рузвелтова“ со голема парковска површина – парк-шума и парк – ливада со водена површина помеѓу со што,како што се наведува, се овозможува интеграција на населбите Буњаковец и Тафталиџе. Домувањето е концетрирано во два атриумски блока, како реминисценција на „ Железничка колонија“ и два линеарни станбени блока, долж улицата „Адолф Циборовски“. Предвидените станбени единици се воглавно дуплекс станови. Во проектот е вклучена и градинка лоцирана периферно во директен контакт со зеленило.

-Овие три трудови за кои жири комисијата дава различни оценки во следниот период ќе бидат изложени во Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ со цел граѓаните да ги видат и нивните графички прикази, се наведува во соопштението од Општина Центар.

Граѓаните подетално за наградените идејни решенија за локалитетот на фабриката „Треска“ може да прочитаат на веб-страницата на Општина Центар или на следниов линк: https://www.centar.gov.mk/?p=12927



Автор: Администратор
Објавено на: 11/11/2021 11:30