Македонската репрезентација во CS:GO успешно се избори за пласман во финалето на Светското е-спорт првенство кое се одржува во Ејлат, Израел.

По вчерашните тешки натпревари против Словачка (2:1), Косово (2:1), македонската репрезентација играше одлучувачки натпревар за директен пласман во финалето против репрезентацијата на Романија, но за жал поради тесниот распоред и напорните натпревари, македонската репрезентација загуби со 2:1 од Романија.

По таквиот резултат, нашата репрезентација падна во групата на губитници каде што им се пружи втора шанса за пласман во големото финале, а противник беше екипата на Украина.

Во тесен натпревар каде на изборот на нашата мапа (Mirage) изгубивме со 13:16, а на изборот на мапа на Украинците (Dust 2) во продолженија успеавме да победиме со 19:15, се продолжи на решавачката мапа (Inferno), каде Македонската репрезентација повторно во продолженија (19:16) и со одлична борба успеа да стигне до големото финале на ова светско првенство.

Ова е огромен успех за македонскиот е-спорт, за македонската CS:GO репрезентација и секако за цела Македонија.

Големото финале ќе започне во 16:00 часот против репрезентацијата на Романија.

Македонската репрезентација на ова светско првенство настапи во составот: Александар „CacaNito" Ќулукоски, Дамјан „kyxsan“ Стоилковски, Јане „aidKiT“ Апостолоски, Павле „stYleEeZ“ Стојановски и Кристијан „FODOR“ Поповски.

Честитки за репрезентацијата на Македонија која не направи горди!

Фото: МЕСФ



Автор: Администратор
Објавено на: 18/11/2021 14:56