Принцезата Шарлин од Монако, која се врати кај своето семејство на почетокот на ноември, откако мина неколку месеци во родната Јужна Африка, закрепнува „од тешка исцрпеност во здравствена установа“, надвор од кнежеството, изјави извор близок до кралската палата.

– Принцезата Шарлин отсуствуваше некое време. По враќањето од Јужна Африка, таа беше примена во медицинска установа каде закрепнува од емоционална и физичка исцрпеност, изјави неименуваниот извор за западните медиуми, потврдувајќи ја изјавата на нејзиниот сопруг, принцот Алберт, за списанието „Пипл“, во петокот, на Националниот празник на кнежеството.

– Таа сфати дека за неа е најдобро да се одмори и да биде под лекарски надзор, но не во Монако, по нејзина желба. Од истата причина, не можам да ви кажам ништо повеќе. Таа е заморена, и не само физички. Потребен ѝ е одмор и мир!, изјави Алберт.

Поранешната врвна пливачка, Шарлин Линет Витсток, е родена 1978 година во Родезија – денешно Зимбабве. Се омажи за принцот Алберт Втори од Монако во 2011 година… Алберт е син на принцот Рение Трети и Грејс Кели – американска филмска ѕвезда која загина во сообраќајна несреќа во 1982 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2021 13:55