Сите редовни студенти од општина Кочани, запишани на државните универзитети, ќе можат да аплицираат за стипендија од Локалната самоуправа преку дигиталната интерактивна платформа „мЗаедница“.

Рокот во кој може да се поднесе дигиталната апликација е до 29 ноември, а целта е да се создадат услови младите, како баратели на стипендии и корисници на новите технологии, да можат што поедноставно и полесно да конкурираат за стипендии.

– Овој начин на аплицирање овозможува дополнителна директна комуникација на Општината со подносителот на барањето, кој пак ќе има увид и во статусот на барањето – дали е примено, одобрено или одбиено. Со ваквото конкурирање се продолжува дневниот рок на пријавување од 8 на 24 часа, а за пријавување може да се искористат и неработните денови. Преку мобилната апликација „мЗаедница“, која е бесплатна и може да се преземе од интернет, граѓаните можат лесно и брзо да влијаат врз акциите што треба да ги преземе Локалната самоуправа, а отсега да аплицираат и за други субвенции што ги овозможува Општина Кочани, истакна Голубина Георгиева од Одделението за јавни дејности.

Дигиталната платформа „мЗаедница“ има и веб-апликација, до која исто може да се пристапи преку линкот www.mzaednica.mk, а граѓаните од Кочани можат да ја преземат апликацијата и да креираат свој профил, со што можат да придонесат за реализирање на подобра заедница.

Кочани е една од трите општини во државата што ја користи дигиталната платформа „мЗаедница“ како интерактивен модел за комуникација односно за поврзување и со социјалните мрежи, што помага за побрз и полесен пристап до јавните информации. та/цр



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2021 13:56