Тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ, смета дека е дојдено крајно време да се прекине серијата од четири порази во Лигата на шампионите. Шанса за тоа е реваншот со Пик Сегед кој пред пет дена славеше победа во Унгарија (34:31).

– Никогаш не сакав да бидам реален тренер, бидејќи ако сум реален тренер, тогаш не можам да ги убедам моите играчи да направат сериозен успех. Ние сме во серија порази, последен од Пик Сегед во Унгарија. Мора да се потсетиме дека претседателот на клубот Михајло Михајловски се врати да го спаси клубот, а не како фудбалскиот тим да испадне во Втората лига. Мора да сфатиме дека овој Вардар не е оној од шампионските денови. Нашата ситуација во овој момент е катастрофална од аспек на здравствениот билтен. Тимур Дибиров има вироза и е неизвесен за натпреварот, Тото, Мишевски се повредени, Стоилов и Кудуз имаат проблеми со грбот. Без оглед на се, сметаме дека овој меч мораме да го добиеме. За мене, за клубот, за навивачите, би било премногу пет порази во низа, истакна Вујовиќ на денешната прес-конференција.

Тренерот на „црвено-црните“ додаде дека не чувствува психолошки притисок и дека очекува јавноста да е реална за можностите на тимот.

Голманот Мартин Томовски верува во позитивен резултат со помош на верните навивачи.

– Во Сегедин загубивме поради сопствените грешки. Во Скопје ќе се обидеме нашите грешки да ги сведеме на минимум и на крајот да се радуваме заедно со нашите навивачи кои ги очекувам во голем број. Нивната поддршка многу ни значи, рече Томовски.

Натпреварот Вардар – Пик Сегед се игра в четврток (26 ноември) во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 20:45 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2021 14:05