Со изразување сочувство до семејствата на загинататите во автобуската несреќа во Бугарија, во која настрадаа македонски државјани, градоначалникот на Македонска Каменица Димче Атанасовски денеска ги прими претставниците на Операција Флоријан, кои за потребите на Територијалната противпожарна единица донираа возило за интервенции при сообраќајни незгоди и друг вид катастрофи.

-Иако за нас ова е убав ден, на ниво на цела држава имаме трагичен настан и по тој повод упатувам сочувство до семејствата на загинатите и да се молиме заеднички за побрзо оздравување, во оваа за жал тешка несреќа. Би сакал да им се заблагодарам на сите вклучени во самиот проект, на сите пожарникари и на командирот, кој се заложи за сето ова да биде добро организирано. Факт е дека ова противпожарно возило ќе придонесе многу, иако посакуваме што помалку да се употребува, рече Атанасовски.

Операцијата Флоријан првпат во Македонска Каменица донираше пред 10 години опрема, а сега донацијата, како што додаде, е во опрема и возило. Најави дека Општината ќе се заложи за понатамошно инвестирање во противпожарната единица за да можат пожарникарите да бидат секогаш подготвени вршејки ја својата работа во интерес на заедницата.

Командирот на Територијалната противпожарна единица Македонска Каменица Малин Трајчевски информираше дека возилото е мултифункционално и ќе ја подобри нивната работа при несакани несреќи.

-Лично од мое име и од името на ТППЕ Македонска Каменица сакам да се заблагодарам на Рој и екипата од Флоријан за донираното возило. Ова специјално противпожарно возило „Денис“ е мултифункционално возило кое се состои од опрема за разновидна опрема за спасување, почнувајки од скали, продолжувајќи со РТЦ опрема за сообраќајни незгоди, воздушни перничиња и друга опрема која ни недостасува, рече Трајчевски.

Пред да биде донирано возилото, како што додаде, пожарникарите биле дел од обуката која е предвидена согласно стандардите на Операција Флоријан.

-Поради ова ние од 17 до 20 ноември 2021 година бевме на обука во обучниот тренинг центар во Свети Николе, совладувајки ја обуката, и денес возилото ќе биде донирано за наша трајна употреба. Моментално во возниот парк имаме четири цистерни и едно возило за шумски пожар Пикап, исто кое може да се користи во урбана средина, додаде Трајчевски.

Членот на управниот одбор на Операција Флоријан Рој Баренклаф истакна дека како невладина организација од Обединетото кралство на Балканот работат од 1994 година, а во земјава од 2008 година.

-Ова е 26 возило кое е донирано од 2008 наваму. Опремата вклучува сет од опрема што се користи кај нас, скали, изолациони апарати, црева и цела опрема за употребување во сообраќајни несреќи. Многу важно е сите возила кои се донирани се уште се во функција и најдобра кондиција. Со донирањето на возилата и опремата се грижиме секогаш да ги обучиме пожарникарите. Со каменичките пожарникари веќе одржавме тренинг сесија обуки, исто како и со пожарникари од Новаци и Св.Николе, рече Баренклаф.

Во 2021 година во Македонска Каменица, како што додадоа од Територијалната противпожарна единица, регистрирани се намален број интервенции, а притоа единицата учествуваше во гаснење на пожари во Кочани, Берово и Делчево.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/11/2021 15:15