Родителите на првачињата во прилепското основно училиште „Блаже Конески“ реагираат и бараат поголеми училници за нивните деца за да ги задоволат критериумите за настава, посебно во пандемиски услови и работа во две смени.

Од училиштето велат дека разговарале за проблемот и решението им е најавено за почетокот на второто полугодие. Во училиштето се три паралелки, од кои две се со по 31, а една со 32 ученика. Родителите велат дека само една од трите училници ги задоволува критериумите.

Според Викторија Паскоска, родител на прваче во ОУ „Блаже Конески“-Прилеп, родителите настојуваат учениците да одат во две смени, а просторните услови оневозможуваат одвивање на наставата според новата концепција.

– Паралелките имаат повеќе првачиња од максимално дозволената бројка од 30. Има само една училница со соодветна квадратура во која учениците ротираат секоја недела. Значи, на три недели паралелката учи во соодветни услови. Останатите две училници се тесни, а учениците немаат соодветен пропишан простор меѓу нив, а за дополнително движење, не станува збор. Ова не е според нормативот за работа каде пишува дека секое дете треба да има просторни услови од 1 метар, односно два метри квадратни по ученик. Уште повеќе е загрижувачки што наставата се одвива во ковид-пандемија кога училиштето треба да води дополнителна грижа за безбедноста на децата. На сметка на ова, има настава само во една смена, иако училиштето работи во две смени. Затоа бараме да се обезбедат соодветни училници и да учат во две смени за да се исполнат условите од новата концепција, изјави Паскоска.

Директорката на ОУ „Блаже Конески“, Ангелка Баракоска вели дека е разговарано со родителите за решавањето на проблемот. Училиштето е единственото од 10-те училишта во Прилеп кое запиша повеќе првачиња. Решението е со спојувањето на двете училници во една и работа во две смени од почетокот на второто полугоидие. Бара родителите да покажат трпение и да се придржуваат на договореното.

– Оваа година имавме чест од сите прилепски училишта да запишеме зголемен број првачиња. Ги имавме двете помали училници кои пред 7-8 години од една поголема се пренамениле две и успеавме да оспособиме уште една поголема училница за да може да се спроведат протоколите за настава и работа со првачињата. Согласно со проширената програма според законот за основно образование имаме можност учениците да посетуваат настава само во првата смена, сметајќи дека така може да постигнат максимум во наставниот процес, во периодот од 8 до 13 часот. Разговарано е со родителите, ние сме запознати со проблемот, тоа беше во почетокот на октомври. Најдовме заедничко решение да се прошири едната училница, односно да се спојат двете помали во една, па ќе ги имаме двете со соодветен простор и да се работи во две смени. Тоа може да го направиме за време на зимскиот распуст. Со промената на подовите во училниците, паралелно да се прошири постојниот капацитет, а секако и да преминеме на двосменско работење. Ги замолуваме родителите за трпение и да се придржуваме на тоа што сме се договориле, изјави Баракоска.

Според Центарот за јавно здравје, состојбата во прилепските училишта е стабилна. Изминатата недела биле регистрирани седум позитивни ученици, а 31 се во изолација.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/11/2021 14:22