Тимот на Вардар го претрпе петтиот пораз во низа, откако вечерва во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје загуби од Пик Сегед со 27:30.

Ова е втора победа за Пик Сегед над „црвено-црните“, по минатонеделниот триумф пред домашната публика со 34:31.

По почетното водство на „црвено-црните“ со 1:0, следуваше серија од осум голови за гостите од Сегедин за +7, разлика која остана до крајот на првото полувреме (9:16). Вардарци добро тргнаа во второто полувреме и по само десет минути намалија на само три разлика (15:18). Сепак, домаќините немаа сили за целосен резултатски пресврт. Следуваа добри минути за унгарскиот претставник и успешно одбивање на вардаровиот обид за анулирање на негативата. Во 53. минута семафорот покажуваше 20:26, разлика и повеќе доволна за мирен финиш.

Анте Гаџа и Тимур Дибиров со по пет погодоци беа најефикасни во составот на Вардар. Кај Пик Сегед најмногу голови даде Марио Шоштариќ – седум од осум обиди.

По осум кола во А-групата, Вардар е на 6. место со пет бодови, Сегед е втор со 12.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/11/2021 04:51