Тренерот на македонскиот ракометен вицешампион Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ, изрази задоволство од освоениот бод (27:27) на гостувањето кај Спортинг во Лисабон во рамки на групната фаза во Лига Европа, иако битолскиот клуб во текот на целиот натпревар имаше константно водство, кое го испушти во самиот финиш.

– Беше многу важно да не загубиме. Задоволен сум и сакам да им се заблагодарам на ракометарите. Се бореа за секоја топка и за секоја позиција. Игравме многу важен натпревар за двете екипи. Веќе четири натпревари сме без пораз и тоа многу ни значи за нашата ментална сила. Групата е многу израмнета и треба да бидеме подготвени на драматични натпревари до крај. Треба да бидеме храбри и интелигентни. Целта ни е да биеме меѓу четирите најдобри екипи во групата и да продолжиме со играње на елиминациона натпревари, изјави стратегот на Еурофарм Пелистер.

Задоволство од освоениот бод изрази и капитенот на битолскиот тим, Јосип Периќ

– Ова беше физички многу тежок натпревар. Спортинг Лисабон има одлична одбрана и добро се подготвивме за неа. На крајот можеше секако да заврши, па мислам дека исходот по бод за двете екипи е реален и заслужен, изјави Периќ.

По пет одиграни кола во рамки на групата Д, екипата на Еурофарм Пелистер е третопласирана со шест бодови, еден помалку од лидерот Ним и второпласираниот Спортинг.

Во следното коло, македонскиот тим е домаќин на Спортинг во реваншот на 7 декември во Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2021 13:51