Во населбата Календарица на потегот меѓу двата моста во Кичево, изграден е спортско-забавен комплекс за чија финализација се погрижи Бирото за регионален развој кое за оваа потреба одвои 4,5 милиони денари .Новата спортска инфраструктура почна да се гради во втората половина од септември и за неполни два месеци е целосно завршена.

-На местото крај реката Сушица во населбата Календарица, каде што пред неполни две децении беа изградени повеќе спортски терени, кои во меѓувреме се целосно уништени, со средства од Бирото за регионален развој во износ од 4,5 милиони денари изградивме спортски комплекс, кој поседува терен за мали спортови и детски забавен парк за рекреација на најмладите жители од населбата. Со изградбата на овој спортски комплекс, градот Кичево ќе има повеќе можности за забава на младите и за спортување на граѓаните од сите генерации. Изведувач на работите на овој комплекс е компанијата „Мирсат Комерц“ од село Челопеци, изјави директорот на Бирото за регионален развој Рамиз Реџепи.

Покрај терените за спортување и рекреација на најмладите жители од населбата, изградено е и катче за постарите жители, каде е поставена нова урбана опрема.

Целиот комплекс, како што информира Реџепи, ќе биде осветлен со лед светилки.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2021 15:22