Минусните температури, кои во Струга ноќеска достигнаа до минус три степени целзиусови, предизвикаа голомразица на улиците. Граѓаните револтирани дека градските служби не интервенирале со сол и песок, а од Општина Струга велат дека се превземани сите соодветни мерки и е интервенирано на градските улици.

– Општина Струга, преку фирмите, кои го имаат тендерот за одржување на улиците во зимски услови ги превзема сите потребни мерки со фрлање сол и песок и надминување на проблемот со голомразицата синоќа, посочи општинската прес-служба.

Снегот што падна во текот на вчерашниот ден, според стружани, беше со слаб интензитет во градската средина и немаше потреба од интервенции со механизација, но ниската температура во текот на ноќта резултираше со подмрзнување на коловозите и тротоарите.

– И покрај тоа што се соочивме со потешкотии во непречено и безбедно движење до 20 часот и 30 минути немаше никаква забележителна активност за попесочување на градските улици, реагираат стружани.

Во Програмата за зимско одржување на локалните патишта и улици на општина Струга за 2021/2022 година, од 15 ноември годинава до 15 март идната година предвидени се 6,5 милиони денари за чистење и попесочување со индустриска сол и абразивен материјал во услови на снег и мраз.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/12/2021 15:25