Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево се приклучи во одбележувањето на деновите на хуманост „Дарувај со љубов“. По тој повод, како што информираше директорката Биљана Петровска во пресрет на 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, во посета на установата беа лицата од Дневниот центар во Делчево.

-Огромно е задоволството што имаме можност да ги пречекаме да се дружиме да им покажеме како изгледа и како работи библиотеката. Никако не смееме да заборавиме дека сме различни но сепак сите сме исти. Секој на свој начин треба да даде придонес овие лица со посебни потреби полесно да се пробиваат низ животот и низ општеството, истакна Петровска.

Во рамки на настанот, како што додаде, лицата со посебни потреби учествуваа на работилница за изработка на разни украси и сувенири.

-По повод Светскиот ден на лицата со посебни потреби, библиотеката им подари материјали што им се потребни за нивната работа. Уште еднаш упатувам порака да бидеме хумани, да помогнеме, да подариме за да можат и тие лица да создаваат, творат, да се чувствуваат корисни и успешни во средината во која живеат, додаде Петровска.

Деновите на хуманост по четврти пат ги организира Општина Делчево заедно со ЈЛБ „Илинден“, НУЦК „Н.Ј.Вапцаров“ и Дневниот центар за лица со посебни потреби во Делчево и образовните институции во градот.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2021 15:55