По неполна година откако екипите на јавното комунално претпријатие од Гевгелија, по неколку претходни чистења, темелно ја исчистија преполнетата дива депонија над селото Негорци и предупредија дека ќе следуваат ригорозни казни за несовесните граѓани, денес сликата на депонијата е повторно хаотична.

Од гевгелиското комунално претпријатие велат дека и покрај упатениот апел до локалното население оти по последното темелно чистење ќе се казнуваат недициплинираните жители на селото, не помогнале дури ни другите преземени мерки за да се заштити просторот од одлагање на секаков вид на отпад покрај локалниот пат од Негорци кон Серменин.

-Не помогна дури ни тоа што од тогаш нашите камиони три пати во неделата го подигаат комуналниот отпад од селото,што дополнително поставивме уште десет контејнери па дури ни тоа што на раполагање на жителите им се стави возило за бесплатно подигање на нестандарен комунален отпад – велат од комуналното претпријатие „Комуналец“.

За да се стави крај на ваквото безредие и безобразлук, неколку гневни жители од селото предлагаат на депонијата да се постават камери, а во центарот на селото пано на кое ќе се прикачуваат слики од тој што фрла ѓубре за да се срами не само тој туку и целата негова фамилија.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2021 15:56