Нови 287 книги, училишна литература за основно образование беа донирани денеска во неготинската Градска библиотека „Страшо Пинџур“ од Ротари клуб Неготино.

Од Клубот изјавија дека поддршката на образованието е еден од постулатите на кој се заснова ротаријанството.

-Со ова се надеваме дека дополнително ќе ги поттикнеме учениците да создаваат навика за читање и љубов кон книгата, нешто кое претставува сигурен пат кон развојот и градење на здрава личност, нагласи Душан Костурски, претседател на Ротари клуб Неготино.

Благодарност за донацијата, изрази Катерина Данаилова, директорка на библиотеката.

– Големината на оваа донација ја гледаме и во препознавањето на суштината на библиотечниот лектирен фонд наменет за најмалите, кој покрај тоа што претставува иницијација во светот на книгите и креативноста, ја има и најважната, едукативна компонента, која трајно се проткајува, позитивно влијае и ги насочува децата да ги ценат вистинските животни и општествени вредности, додаде директорката.

Од Ротари клуб Неготино рекоа дека продолжуваат со поддршка на образованието се со цел унапредување и создавање на подобри услови.

– Се надеваме дека ќе бидат поттикнати и други општествено одговорни субјекти, кои несебично би придонеле за развој на заедницата во која сите ние живееме, додадоа од Клубот.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/12/2021 16:04