Во Здравтсвениот дом во Македонски Брод во текот на изминатите безмалку три недели, бесплатна вакцина против сезонски грип примиле 375 граѓани, што е речиси двојно повеќе споредено со бројот на вакцинирани граѓани во претходните години. Во исто време, со комерцијална вакцина против сезонски грип се вакцинирале триесетина граѓани, потврди Жарко Симески, директор на Здравствениот дом.

-Годинава бележиме рекорден број на вакцинирани граѓани со бесплатна вакцина против сезонски грип споредено со претходните години, па и децении. Во текот на изминатите три седмици во Здравствениот дом во Македонски Брод се вакцинирани 375 лица, што е речиси двојно повеќе споредено со претходните години кога максималната бројка изнесуваше 200 лица, рече Симески.

Сите вакцинирани граѓани претходно се пријавиле на апликацијата вакцинација.мк и ја примија вакцината во најавениот термин.

Со бесплатна вакцина против сезонски грип се вакцинираа лица постари од 65 години, здравствени работници, бремени жени и лица со потешка здравствена состојба, додаде директорот Симески.

Посочи дека во исто време триесетина граѓани примиле комерцијална вакцина против сезонски грип за која од почетокот нема голем интерес поради цената од 800 денари.

Во наредните денови се очекува против сезонски грип да се вакцинираат уште многу мал број граѓани во оваа општина кои се пријавиле да ја примат. за/хс/



Автор: Администратор
Објавено на: 03/12/2021 15:44