Со церемонија за свечено отворање, претпладнево во салата на средното општинско училиште започна Изборното карате првенство за кадети, јуниори и У-21.Првенството е во организација на Карате Федерација на Македонија и со поддршка на локалната самоуправа.

Потпретседателот на федерацијата Бесник Мурати на отворањето појасни дека по овој натпревар ќе се формира составот на државната репрезентација која ќе настапи на Европското првенство што ќе се одржи во идната година во Прага, (Република Чешка) од 4 до 6 февруари.

По изборното првенство, за утре е закажан и плеј-оф натпревар кој ќе ги даде конечните патници за ЕП во Чешка. Се очекува Македонската карате експедиција во Прага да замине со триесетина натпреварувачи кои денеска и утре ќе постигнат најдобри резултати.

Во три возрасни категории во борби и кати денеска ќе учествуваат 205 каратисти од 44 клубови од Македонија.

Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари го прогласи отворено првенството и на учесниците им посака успех во натпреварите.



Автор: Администратор
Објавено на: 04/12/2021 14:23