Сто и шеесет средношколци од прва до четврта година од различни струки од средните училишта во Струмица, Охрид, Крива Паланка и Тетово учествуваат на четири натпревари во претприемачки вештини кои во текот на ноември и овој месец ги спроведува организацијата „Џуниор ачивмент Македонија“ со поддршка на Агенцијата на САД за меѓународен развој-УСАИД и Фондот за иновации и технолошки развој.

Натпреварот „Камп на иновации” е дводневен настан на кој учениците работат во тимови за да најдат одговор на актуелна тема. Учениците поделени во тимови, преку пристап до интернет и технологија, експертска помош од волонтери од бизнис-заедницата, го користеа своето знаење, применувајќи претприемачки вештини и тимска работа за да најдат иновативни одговори за предизвикот.

– Преку учество на натпреварите во средните училишта „Никола Карев“ во Струмица, „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, „Ѓорче Петров” во Крива Паланка и „8 Септември” во Тетово, 160 ученици имаа можност да се запознаат со активностите на „Џуниор ачивмент“. Четириесет луѓе од бизнис-секторот имаа можност да помогнат со свои совети и експертиза, а учениците да се мотивираат да размислуваат проактивно и иновативно кон дадената тема и да понудат производ или услуга кој ќе придонесе кон поголема енергетска ефикасност, соопшти организацијата „Џуниор ачивмент Македонија“.

Таа е член на светската мрежа Junior Achievement Worldwide и веќе петта година организира ваков тип натпревари, како и голем број обуки и работилници посветени на практична работа, претприемништвото и финансиска писменост кои може да ги зголемат вештините и компетенциите на учениците на патот кон вработувањето.

Учениците кои се дел од натпреварот добиваат сертификат за учеството и можност за вредна награда. Стануваат и дел од алумни клубот на организацијата „Џуниор ачивмент Македонија“, со што им се овозможува патување и поврзување со илјадници млади луѓе во Европа.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/12/2021 15:08